Глигоров од Силекс и голманот Дураковиќ го засилија Кит-Го

Довчерашниот капитен на Силекс, Глигор Глигоров и голманот на Еуромилк ГЛ, Мирза Дураковиќ се првите засилувања за новиот второлигаш ФК Кит-Го од Пехчево.

Абмициозните пехчевци вчера ги стартуваа подготовките за својата дебитантска сезона во второлигашката конкуренција и со двете нови имиња кои треба да донесат сериозен квалитет во тимот на Трајче Сенев.

31-годишниот Глигоров од 2015 година беше дел од Силекс, а претходно има настапи и за чешкиот Бањик Острава како и за прволигашот на БиХ, Зрински. Од 2013 до 2015 година беше дел и од штипска Брегалница.

„Разговараме со уште неколку фудбалери за засилување на тимот. Посакуваме сезонава, како дебитанти, максимално да се подготвите за тоа што не очекува во Втората лига. Имаме одлични услови за работа. Целта е да бидеме стабилен второлигаш, па токму во таа насока беше и одморот комбиниран со работа изминатиов период во Грција кој го искористивме и за физичка подготовка на екипата“ – вели шефот на стручниот штаб, Трајче Сенев.

Подготовките на Кит-Го ќе се реализираат во својата база, во спортскиот комплекс „Гогов“ во Пехчево. Првиот пријателски натпревар е закажан за 11. јули против Каменица Саса, а планирани се тест дуели и со Борец, Беласица, Гостивар, Детонит, Силекс и Трајал од Крушевац.

Се вчитува...