Легендата на македонската репрезентативна кошарка, впечатливиот, Тодор Гечевски, повторно му се врати на националниот тим. Годините минати во репрезентацијата, за Гечевски се искуство кое се обидува да го вгради кај новите генерации и да помогне во обидот Македонија повторно да се врати на вистинската патека во европската кошарка. Со проникливиот поранешен центар, разговаравме на патувањето во Фрибург каде што македонската репрезентација комплетираше дел од претквалификацискиот циклус.
„За нас беше многу важно да ја минеме оваа прва претквалификациска рунда, без оглед на квалитетот на ривалите, за да почнеме да чекориме напред. Сите знаеме дека сега ривалите ќе бидат нешто посилни, да не навредам некого но јасно ни е на сите дека нивото на Словачка и на Швајцарија е далеку под нивото на едно европско првенство кое е наша желба. За нас е позитивно дека полека, но сигурно се опоравуваме од оние порази од Косово и од Естонија, па да се обидеме да бидеме и први во наредната група, со Косово и Швајцарија, па да се најдеме во главните квалификации за Евробаскет 2021“ – го почнува Гечевски разговорот за ЕКИПА.
Тој беше разочаран по неочекуваниот пораз во Фрибург од аутсајдерот Швајцарија, но смета дека тоа не смее да ја наруши атмосферата во составот кога е реализирана примарната цел – освојување на првото место во групата.
„Јас како директор на репрезентацијата имам поделени чувства по овој меч. Верував дека можеме да победиме, но и поразот не боли толку кога не е важен. Секој натпревар, макар и пријателски е важно да се победи, така и се раѓаат спортисти кои се обидуваат да победат секогаш. Меѓутоа, првото место во групата за нас е конечна победа и ја носи Македонија на едно повисоко ниво“ – вели Гечевски.
Вакуумот меѓу генерациите, како и недостигот на квалитетни млади играчи, но и прераното заминување на најголемите таленти во странство, се сериозните проблеми за кои ќе мора час поскоро да се најде решение.
„Главниот проблем во репрезентативната кошарка е што има еден голем вакум меѓу генерациите, од онаа на Војдан, Дамјан и Бојан Трајковски до онаа следна на Стајиќ, Мекиќ, Димитријевиќ, Маслинко… Проблем е и што голем број таленти на млади години заминуваат во странство, немаме точен увид во нивниот напредок, во условите за работи, но мораме да се обидеме како клубови и федерација, на тие деца да им се обезбедат услови во Македонија, да играат во македонските екипи и за Македонија, а не да земаат пасоши на други земји. Имаме премалку играчи, а значаен дел од тие млади кошаркари одат да играат за странски репрезентации“ – загрижено предупредува Тодор Гечевски.
За актуелниот состав тој вели дека може да се очекуваат подобри игри и резултати, штом играчите го добијат неопходното искуство на меѓународна сцена.
„Сметам дека атмосферата во репрезентацијата е добра, овие момци се дружат заедно и приватно, не гледам било каков проблем или љубомора. Едноставно, искуството е премало… кога зборувам за искуство зборам за големи натпревари, за меѓународно искуство. Проблемот на Македонија не е ниту во талентот, ниту во квалитетот, едноставно во недоволното искуство на вакви средби на меѓународно ниво, што е процес што мора да се мине“ – истакнува директорот на репрезентацијата.
Гечевски беше еден од оние кои гласно се спротивставуваа кога се зголемуваше бројот на странците во мак-баскетот, па сега разбирливо е задоволен од најновата мерка и намалувањето на странски кошаркари.
„Мојата заложба од првиот момент кога клубовите сакаа да го зголемат бројот на странци беше дека тоа е тотално погрешен потег. Бев и гласен на таа тема, бидејќи знаев дека ако тие играчи не добијат шанса во македонските клубови, потоа тоа сериозно ќе се одрази и врз нивните репрезентативни настапи. Она на што инсистирав е барем во првиот дел од сезоната да има по тројца Македонци на терен. Ние немаме доволен број на искусни македонски играчи, па само по себе тоа налага еден од тие тројца да биде некој од помладите кошаркари. На тој начин, без некакво правило, без подарок, некој што најмногу се труди, најмногу тренира би добил шанса да ги покаже квалитетите и да го собира неопходното искуство. Од друга страна, ќе се натераат и клубовите да работат со млади категории. Да не биде тоа сега, имаме буџет, ајде да го потрошиме за годинава на два-три Македонци и шест странци и да играме домашно првенство. Можеби лигата во моментов ќе биде понеквалитетна, но со правилна работа и правилен пристап по одреден период квалитетот ќе си дојде на свое место, а и публиката би се вратила во салите“ – посочува Гечевски.
Тој по завршувањето на кариерата ја прифати понудата да стане директор на младинската школа на Работнички, каде експресно остави силна трага, па „црвено-белите“ минатата сезона ги освоија титулите и во М20 и во М18 генерациите.
„Накратко, се подобри селекцијата, се донесоа талентирани и вредни деца за работа. Пристапот на работа и должината на тренинзите, од еден час на два часа дневно (кој има желба по два пати дневно). Мотив повеќе на тие млади играчи им е и фактот дека дел од нив беа инволвирани и во првата екипа. Мислам дека тоа севкупно донесе резултат, според мене тоа е правилен рецепт за натамошен развој. Временски и квалитативно да се работи повеќе, грижата се уште не е на нивото на кое јас мислам дека треба да биде, ни фалат услови… Ги имаме оние основни услови за работа, но за да ги стигнуваме оние посериозни земји и репрезентации кои вложуваат во кошарката, мораме да ги едуцираме тренерите. Ако говориме само за Работнички, во младинската екипа имаме седум-осум талентирани играчи од кои очекувам најмалку половина да играат сериозна македонска кошарка“ – вели поранешниот репрезентативец.
Тој посочува еден сериозен проблем во македонскиот спорт, за кој се надева дека наскоро ќе биде најдено адекватно решение.
„Она што јас лично го тврдам е дека не може да има квалитетен младински спорт со самофинансирање. Тоа е проблем што се провлекува со години наназад и тоа е нешто што мора да се промени, не само во кошарката туку и во останатите спортови. Можеби е потребна и некоја државна стратегија околу финансирање во тие младински школи, тоа треба некој друг да каже, но не можете да очекувате квалитет и правилна селекција кога родителите секој месец си плаќаат членарина и потоа да имаат одредени очекувања бидејќи одвојуваат дел од семејниот буџет“ – реален е на оваа тема Тодор Гечевски.
Тој има и неколку предлози со кои би дошло до унапредување пред се на младинската кошарка.
„Мораме да ја зголемиме грижата за играчите, тоа значи повеќе опрема, на повозрасните генерации да им се обезбеди и медицинска поддршка. Правилната исхрана е многу важна, ние можеби не можеме како клуб ако имаме 300 деца на сите да им обезбедиме храна, но едукација за исхрана е нешто што може да се овозможи. Исто така, оние поголеми таленти во повозрасните категории мораат и да се финансираат со одредени суми. Да не се лажеме, голем проблем во мак-баскетот ни е што најголемите таленти прерано заминуваат во странство. Кога тие би се собрале во една група од околу 15 играчи, би тренирале и би работеле на правилен начин… би им се организирале пријателски натпревари ширум Европа… Далеку сме од врвот на Европа, мој став е дека ние треба да се стремиме кон натпреварувањата на ФИБА, но кога ќе има со што да се натпреваруваме. Треба да одиме чекор по чекор, од селекција, преку грижа, подобрување на сите услови, едукација на тие тренери, за сето тоа да се вклопи во еден систем што за 4-5 години би донеле резултати на кои би биле горди“ – посочува Гечевски.
Директорот на кошаркарската репрезентација многу добро знае колку труд треба да се вложи за да се успее, колку фактори влијаат на патот до успехот, но и искрено признава дека една од причините за кошаркарскиот пад е губењето на приматот на спорт број 1 во државата.
„Ние можеби имаме таленти на 13-14 години, но дали ќе станат играчи влијаат многу фактори. Меѓу другото, никој не знае ниту дали ќе им остане љубовта кон кошарката, сведоци сме на ракометни успеси на клупско и репрезентативно ниво кои придонесоа многу деца да се насочат токму кон овој спорт. Успесите градат спортски идоли, во тој момент по Литванија имаше многу деца кои тренираа кошарка, сега има многу повеќе кои се занимаваат со ракомет, тоа е нормално, а ние треба да се бориме како спорт да си го вратиме приматот“ – порачува за крај Тодор Гечевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА