Распоред: Кошаркарите пак тргнуваат од Приштина, завршуваат во Романија

Македонската кошаркарска репрезентација ќе го стартува новиот претквалификациски циклус со гостување во Приштина против Косово, меч што ќе се игра на 13 септември.

„Црвено-жолтите“ со првото место во групата пред Швајцарија и Словачка обезбедија пласман во следната претквалификациска фаза, каде сега ќе ги очекуваат дуели со Косово и со Романија, во периодот од септември 2018 до февруари 2019 година.

Дуелот со Косово е одлична можност за одмазда за ланскиот дебакл, кога Македонија го освои третото место во групата, зад Естонија и Косово, по што нашиот национален тим испадна од квалификациите за СП 2019 и се пресели во најнизок ранг на квалификации за Евробаскет 2021.

По дуелот во Приштина на 16 септември Македонија ќе го пречека составот на Романија, додека за 2 декември е закажан домашниот натпревар против Косово. Овие квалификации ќе ги заокружиме со гостување против Романија на 21 февруари. Пласман во главните квалификации за Евробаскет ќе обезбеди само победникот во групата.

Се вчитува...