Челниците на Пари сен Жермен буквално во „пет до дванаесет“ успеаја да продадат фудбалер и да се спасат од санкција од УЕФА за нарушување на финансискиот ферплеј. „Светците“ беа принудени да продадат играчи во вредност од најмалку 60 милиони евра до 1 јули, а „квотата“ успеаја да ја исполнат откако во последен час го продадоа Јури Берчиче во Атлетик Билбао.
Станува збор за лев бек кој во ланската сезона му беше резерва на стартерот Курзава, поради што самиот Берчиче инсистираше да му биде дозволено да си замине во текот на летово. Берчиче минатата сезона пристигна во ПСЖ за сума од 13 милиони евра на инсистирање на Унаи Емери, но по заминувањето на шпанскиот стратег сега и дефанзивецот реши да го напушти „Паркот на принцовите“.
Тој е шпански интернационалец и преферираше камбек во Примера дивизион, а понудата на Атлетик Билбао му го овозможи тоа. Претходно, ПСЖ ги продаде и Пасторе во Рома, Иконе во Лил и Едуард во Селтик, за собирање на неопходните 60 милиони евра за избегнување на казна од УЕФА.
Со почетокот на новиот месец и дефинитивно се отвора простор за „светците“ да почнат со засилување на своите редови. Прв се очекува да потпише Џанлуиџи Буфон, а главен предизвик на управата на ПСЖ е да успее да постигне договор со Реал Мадрид за мега-трансферот на Кристијано Роналдо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА