Франција и Русија ќе се сретнат утре во големото финале од Светската лига во одбојка, чиј Ф6 турнир се игра во Лил.
„Триколорите“ вечерва се соочија со огромни проблеми на дуелот со САД, дури по пет сета кршејќи го американскиот отпор. Французите одиграа перфектно на стартот и поведоа со 25-18 и 25-17, но кога сите помислија дека приказната е завршена селекцијата на САД успеа да се врати. Американците при 2-1 во сетови спасија две меч-топки на противникот и на крајот го добија сетот со 26-24, за Франција сепак да слави во тај-брејкот со 15-13, за огромна радост на домашните фанови и одбојкари.
Неизвесна битка се очекуваше во второто полуфинале меѓу Русија и Бразил, но овој дуел мина во апсолутна доминација на руските одбојкари, кои триумфираа со 25-17, 25-18 и 25-14, за заслужен пласман во големото финале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА