Поранешниот македонски селектор, Жарко Ристоски, се соочува со нов голем предизвик, откако ја прифати понудата да стане селектор на Саудиска Арабија. Македонецот имаше успешна сезона на клупски план со либанскиот прволигаш Танурине, што беше дополнителна препорака кај челниците на Федерацијата на Саудиска Арабија, токму Ристоски да биде нов предводник на националниот тим.
„Да се биде селектор на Саудиска Арабија е големо признание, но и предизвик – да успеам да остварам што подобри резултати со оваа селекција. Репрезентацијата е комплетно подмладена по неколкугодишните неуспешни настапи, па цела е со добра стручна работа со помладите играчи да се состави костур за во иднина, за оваа репрезентација да се врати на добрите резултати од пред една деценија. Пред нас се две натпреварувања, Купот на Азија што ќе се одржи во Индонзезија, како и Челинџ-купот во Шри Ланка. Моја прва задача е да ја подобрам атмосферата, да работиме напорно, секоја победа ќе биде голем чекор напред, но ќе сториме се за да стигнеме до што повеќе триумфи. Договорот е потпишан до крајот на годинава, понудата беше за подолгорочна соработка, но тоа не можев да го прифатам поради клупските обврски. Целосно сум фокусиран на најновиот предизвик во мојата кариера и се надевам на нови успеси“ – истакнува Ристоски за ЕКИПА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА