Веќе нема никакви пречки мега-трансферот на Кристијано Роналдо од Реал Мадрид во Јувентус да биде комплетиран, откако и клубовите постигнаа меѓусебен договор околу висината на отштетата. Неколку шпански медиуми попладнево ја објавија информацијата дека „кралевите“ ја прифатиле понудата на „старата дама“ во висина од 105 милиони евра, давајќи зелено светло за преселба на Португалецот во редовите на најтрофејниот италијански клуб.
Претседателот Ањели утрово со приватен авион одлета за Грција, каде Роналдо со своето семејство се наоѓа на одмор, како најава дека овој трансфер се наоѓа многу близу до реализација. Јувентус од претходно имаше постигнато договор со самиот фудбалер, нудејќи му нето-плата од 30 милиони евра плус богати бонуси.
Како што најавуваат шпанските медиуми, трансферот се очекува да биде комплетиран во следните 24 часа, се со цел „кралевите“ што поскоро да се насочат на потрагата по наследник за Кристијано Роналдо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА