Супер Шкендија и фантастичен Ибраими: ТНС си оди за Велс со „пет парчиња“

Македонскиот првак Шкендија оствари убедлива победа (5-0) против ТНС во првиот меч од воведното квалификациско коло во Лигата на шампионите. Овој триумф го носи тимот на Ќатип Османи на чекор до пласман во следната рунда, иако за седум дена ќе следи реваншот во Велс. Но, „светците“ од Велс дефинитивно не се класа за да одговорат на идентичен начин во возвратните 90 минути.

Шкендија беше подобар ривал, и наметна свое темпо од самиот старт на мечот. Офанзивниот пристап донесе водство во 14.минута. Ибраими продре по левата страна, ја уфрли топката во срцето на шеснаесетникот, каде на вистинското место се најде Изаир Емини и ја погоди мрежата на ТНС. По ова, се обиде и Жуниор од далечина, но не беше прецизен.

Добрата игра на Шкендија беше наградена и со втор погодок во 38.минута. Овојпат асистентот Ибраими се најде во улога на стрелец. Тој со удар од десетина метри го совлада гостинскиот голман Харисон и донесе предност од 2-0 на полувремето.

На стартот на вториот дел, Алими се обиде со лоб удар, но Харисон одбрани со крајни напори. Тоа беше најава за третиот гол, кој повторно беше во продукција на Бесарт Ибраими. Со прецизен удар откосо од десната страна, уште еднаш ја затресе мрежата на ТНС во 53.минута.

Шоуто на Ибраими продолжи само осум минути подоцна. Напаѓачот постигна фантастичен гол од слободен удар, испраќајќи ја топката во горниот лев агол од голот на Харисон. И тука не застана. Во 66.минута, уште еден негов проектил и водство од 5-0 за Шкендија.

Ибраими ја заврши работата, на негово место шанса доби младиот Шефити, а тој во 78.минута со удар од 20 метри го погоди дирекот.

Во завршницата, ТНС се закани преку Кабанго, кој шутираше со глава од пеналтикот, но тоа беше лесен плен за Захов. На крајот, и убедлив триумф за македонскиот првак.

ЛИГА ШАМПИОНИ, ПРВО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО

ШКЕНДИЈА – ТНС 5-0 (2-0)

Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 2.000. Судија: Тимотеос Кристофи (Кипар). Стрелци: Емини 14’, Ибраими 38’, 53’, 61’, 66’ (Шкендија). Жолти картон: Жуниор (Шкендија), Раутлеџ (ТНС).

ШКЕНДИЈА: Захов, Бејтулаи, Муслиу, Адили, Мурати, Алими, Радески, Таипи (81’ Зејнулаи), Жуниор, Емини (83’ Селмани), Ибраими (75’ Шефити).

ТНС: Харисон, Спендер (73’ Луис), Мериот, Холанд, Кабанго, Раутлеџ, Бробел, Редмонд (68’ Едвардс), Хадсон, Мулан, Ебе (65’ Бирн).

Се вчитува...