Роџер Федерер сосема неочекувано го заврши својот настап на Вимблдон во четвртфиналето, откако попладнево по огромна битка што траеше повеќе од четири часа загуби од Кевин Андерсон со 2-3 во сетови. Швајцарецот играше беспрекорно во досегашниот дел од турнирот, а кога поведе со 2-0 во сетови се чинеше дека е на пат кон нов лесен триумф.
Впрочем, тој беше во серија од 34 сетови во низа освоени на Вимблдон, израмнувајќи го сопствениот рекорд од 2005-2006 година и потсетувајќи на најдобриот период од својата кариера. При водство од 2-0 и 5-4 во гејмови тој не искористи и една меч-топка, по што ситуацијата на теренот се промени. Андерсон ги освои следните три гејма и намали на 2-1, по што јужноафриканскиот тенисер славеше и во четвртиот сет со 6-4.
Во петтиот сет двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис се до 11-11, кога Федерер потклекна. При резултат 30-30 тој ја направи првата двојна сервис грешка на мечот, веќе во следниот поен самиот стрелаше во мрежата, по што Андерсон го доврши фантастичниот пресврт, за место во полуфиналето.
Кевин Андерсон во битката за место во големото финале ќе се сретне со подобриот од мечот Раониќ – Иснер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА