Кристијано Роналдо денеска и официјално беше претставен како суперзасилување на Јувентус, а португалскиот ас при самата промоција имаше само пофални зборови за својот нов клуб.
„Нема нешто во животот што сум го посакал, а не ми се исполнил. Сакав нов предизвик во кариерата, но тоа повторно да биде клуб од највисока класа со кој ќе атакувам на нови трофеи. Јувентус беше лесен избор, тим со победнички менталитет, извонреден претседател, голем тренер… Затоа и не размислував премногу откако ја добив понудата. Без да навредам некого, играчите на моја возраст одат во Кина или Катар, јас останувам во Европа бидејќи знам дека можам да играм на највисоко ниво и да продолжам да освојувам трофеи“ – истакна Роналдо.
Португалецот освои се што можеше да се освои во дресот на Реал Мадрид, па сега со нов клуб ќе се обиде да ги повтори истите успеси.
„Реал Мадрид е извонредна приказна за мене, им благодарам на сите во клубот. Сепак, јас сум човек што живее во сегашноста и затоа сакам да се насочам само кон Јувентус. Јас и Реал остваривме многу заедно, но не верувам дека мадридистите сега плачат по мене бидејќи ја разбираат мојата потреба за нов предизвик. Сега сакам да оставам своја трага и врз историјата на Јуве, како што тоа го сторив во Реал Мадрид“ – порача Кристијано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА