Работнички посакува „фешта“ во Будимпешта: Хонвед може да се мине!

„Романтичарите“ посакуваат славје во Будимпешта. Со предност од 2-1 по првиот натпревар во Скопје фудбалери ан Работнички силно веруваат дека на денешниот реванш дуел може да ја одбранат предноста и да елиминираат унгарски Хонвед.

Тренерот Ѓоре Јовановски потенцира дека најважно е што фудбалерите сами увидоа дека можат да се носат и да се надигруваат со унгарскиот тим.

„Најважно е што фудбалерите увидоа дека можат апсолутно да се носат со Хонвед. Во прв момент, славното име на клубот, фактот дека доаѓа од земја која има релативно поквалитетна лига, делуваше можеби и малку да бидат импресионирани. Но, по одиграниот прв меч, сега добро знаеме дека и ние имаме квалитет, за да се бориме рамноправно и да се обидеме да го елиминираме противникот. Апсолутно го респектираме Хонвед, но и знаеме дека ова е мошне значаен меч за нас, и така му приоѓаме. Дојдовме во Будимпешта да се надигруваме, нема да се браниме и ќе се трудиме да постигнеме гол. Имаме мала предност, но ќе го почнеме вториот натпревар како да е 0-0, по деелот во Скопје. Само така можеме да ја оствариме целта“ – истакна Јовановски пред денешниот дуел.

Натпреварот Хонвед – Работнички се игра со почеток во 18 часот, на стадионот „Јожеф Божик“. Судија на мечот ќе биде Романецот Мариуш Аврам, а ќе му помагаат Кристијан Орбулет и Владимир Урзика. Четврти судија е Јулијан Калин.

Се вчитува...