По претходно донесена одлука на Управниот Одбор, денес Ракометната Федерација на Македонија ја исплати премијата од 40.000 евра на машката сениорска репрезентација, за успешно минатите бараж средби со селекцијата на Романија, пласманот на Светското Првенство што во 2019 година ќе се игра во Данска и Германија.
Македонија победи убедливо на првиот натпревар од баражот што се играше во Скопје со 32-24, па и покрај минималниот пораз во реваншот на гостувањето во Клуж со 26-25, нашите репрезентативци заслужено се пласираа на завршницата на Светското Првенство.
Ова ќе биде веќе шесто учество на македонските машки сениори на светските првенства, по настапите во Египет (1999), Хрватска (2009), Шпанија (2013), Катар (2015) и Франција (2017) и вкупно единаесетто учество на големите натпреварувања заедно со европските шампионати.
Светското Првенство во Данска и Германија ќе се игра во периодот од 10 до 27 јануари 2019 година, а Македонија своите натпревари од групната фаза ќе ги игра во Минхен во Германија, каде за противници ќе ги има селекциите на Шпанија, Хрватска, Исланд, Бахреин и Јапонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА