Сигурен старт и убедлива победа забележаа машката младинска ракометна репрезентација на Македонија против селекцијата на В.Британија (32-15) на отворањето на ЕХФ шампионатот (У20) што се одржува во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Македонските надежи на домашен терен ќе се борат за освојување на првото место на овој шампионат што обезбедува пласман на младинското ЕП наредната година.
Македонската репрезентација ја оправда фаворитската улога што ја имаше во дуелот против В.Британија и ги прокнижи првите бодови во групата Б во која се уште и селекциите на Италија, Швајцарија и на Украина. Само десетина минути им беа доволни на избраниците на селекторот Данило Брестовац да влезат во вистинскиот ритам и да го скршат отпорот на Британците.
Македонските ракометари постигнаа осум гола во серија и поведоа со 12-3 на шест минути пред крај на првото полувреме. Две минути подоцна, Македонија прв пат стигна и до двоцифрена предност поведувајќи со 14-4, а со +10 заминаа и на одмор (15-5).
Доминацијата на македонскиот состав продолжи и во второто полувреме. Разликата во квалитет и резултатската предност им овозможија мирно и сигурно да ги одиграат и преостанатите 30 минути во кои рутински ја зголемуваа предноста.
На стартот од последната четвртина Македонија веќе беше на +15 (25-10). Ефикасната игра продолжи и во завршните минути од натпреварот со кој македонските надежи „го скршија мразот“ пред домашната публика и ја запишаа првата победа.
Во вториот натпревар на 23 јули, Македонија ќе игра против селекцијата на Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА