(ИН)ДИРЕКТ: Самсон…ајт!

Екипа

Фарсата конечно завршува. Вардар конечно пак ќе биде наш, градски, народен, македонски…Откако пред четири и пол години, за сума од само 81.000 евра, го презеде рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, клубот живееше во фарса. Тогаш почна и понижувањето на најголемиот спортски бренд во државата. ФК Фардар беше откупен од РК Вардар. Иако е тоа клуб со своја традиција во ракометот, во никој случај не смееше да се дозволи, ФК Вардар, гордоста на Скопје и на Македонија, да биде купен од некој таму…Редно е да го врати, а јас би му ги вратил и парите, тие 81.000 евра, за да има да подели плата сега во РК Вардар.

Сите се радуваа дека ќе дојде некој голем сопственик, дека ќе вложува многу пари, дека ќе го направи голем клуб. Искрено, јас и колегите од ЕКИПА, за разлика од многу други, се сомневавме во оваа „акција“. Па, кој е толку ‘луд’, позитивно секако, да купи македонски фудбалски клуб, да вложи толку пари, ако се негови, се разбира, и да мисли дека ќе може да работи профитабилно. Во нашава Македонија, веднаш ти доаѓа дека е тоа некоја заднинска игра, за да се врти нешто…во и околу фудбалот.

Поминаа 4,5 години, опстоивме на нашиот став и додека многу други се „лигавеа“ и се правеа „новокомпоновани вардарци“, пустите сакаа на нешто да се израдуваат, а и да ќарат. Сега кога се гледа веќе крајот, свесни се дека Вардар никогаш не стана тоа што им го раскажуваа и најавуваа – моќен, да речеме како „Самсонајт“.

Знаевме дека ќе дојде времето кога Вардар, како и многу пати досега со претходни структури, на крајот ќе го снајде само „Самсон…ајт!“

Вртеше на центрифуга, трансфери, пари, имаше и убави моменти, се забележаа и успеси што никој не може и не смее да ги негира, но…За жал, Вардар се однароди. Стана приватна своина на неколкумина, кои мислеа, и уште мислат, дека е тоа клуб кој им дава моќ, да се чувствуваат како да се во Реал Мадрид. И тоа е можеби точно така, но за да бидеш Реал Мадрид, треба да имаш и однос кон сите други, искрен и вистински, за да ја заслужиш почитта. Со сите нив, Вардар само загуби на кредибилитет. За да станеш Реал Мадрид, односно голем Вардар за македонски рамки, треба и да си „фаца“, а овој клуб во изминатите 4,5 години го водеа „ноу-нејм“ луѓе.

И тоа не е лошо, дознавме дека имало и некој Самоил, и Ратко, а во Вардар редовно си се вртка(ше) и Мирко. Тој секако не е „ноу-нејм“, затоа што е поранешен фудбалер и капитен на клубот, но во изминатиов период беше апсолутен „ноу-ток“. Слика има, тон – не! Сите други „вардарци“ што продефилираа, да бидеме искрени, си намирисаа паричка, и дојдоа да си прожнеат. Како и секогаш!

Ќе остане забележан историскиот настап во групите од Лигата на Европа, но ќе се паметат можеби уште повеќе и други нешта…Настапот со младинци против Шкендија и понижувањето во Тетово, „двојката“ против Силекс, и неколку порази кои одекнаа убаво резултатски и во светските обложувалници.

На Вардар денеска му е роденден, 71-ви, и јас ви тврдам дека повторно ќе се роди, ќе биде наш, македонски, кога ќе му се случи конечно…Самсон…ајт!

Се вчитува...