Шкендија ќе има незгодна задача во третото квалификациско коло за Лигата на Европа, најверојатно пресметка со исландскиот шампион Валур, доколку македонскиот првак во следните десетина дена не успее да го елиминира Шериф од Тираспол. Во случај на триумф во наредното коло од квалификациите за ЛШ тетовци ги очекува пресметка со австрискиот првак Салцбург, а нешто полесен ќе биде предизвикот ако Шкендија се префрли во второто по ранг европско натпреварување.
Попладнево во Нион беше извршена и ждрепката за третата рунда од квалификациите за Лигата на Европа, па поразениот од двомечот Шкендија – Шериф за ривал го доби подобриот од пресметките меѓу Санта Колома од Андора и Валур од Исланд. Фаворит во овој двомеч сигурно е Валур, тим што е актуелен првак на Исланд и што беше на работ на сензација во претходната квалификациска рунда, кога со пенал во судиското продолжение беше елиминиран од Розенборг.
Доколку дојде до овие натпревари, првиот би се играл во Скопје на 9 август, а Шкендија би го играла реваншот во Андора или Исланд седум дена подоцна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА