Денешното реми (27-27) во Скопје меѓу младинските селекции на Македонија и на Италија дефинитивно е разочарувачки резултат, ако се знае дека нашите ракометни надежи потајно се надеваа и на враќање во елитното друштво, нешто што со ваква игра и пристап сигурно ќе биде недостижно доколку драстично не се променат работите на следните средби. Уште попоразителен делува фактот дека со овој дуел се продолжи непријатната традиција која вели дека Македонија во последните години заборавила како се победува Италија на ракометен терен, во неколку различни конкуренции.
Црната серија почна на Медитеранските игри во Мерсин, каде нашиот национален тим настапи подмладен, но беше декласиран од страна на Италијанците со преубедливи 20-33.
Тоа како да не беше доволен удар, па ни се случи нокаут во женската сениорска репрезентација, кога во првата квалификациска фаза за СП 2015 добивме шлаканица од Италијанките среде Скопје (20-23), за потоа колапсот да го потврдиме и со пораз на Апенинскиот полуостров од 27-22.
Ако на тоа се додаде денешното реми до кое стигнавме со разочарувачка игра, проблемот е и повеќе од очигледен, заедно со пораката дека мора многу посериозно да се работи на репрезентативен план, доколку се сака ракометот да остане спорт број еден во државата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА