Македонскиот шампион Шкендија денеска од 20:15 часот на националната арена „Филип Втори“ во Скопје го игра првиот натпревар од 2. квалификациско коло во Лигата на шампионите.
Молдавскиот Шериф Тираспол е противник за тетовци против кого вечерва пред своите навивачи треба да се избрише онаа лоша епизода од гостувањето во Велс, кога тимот на Ќатип Османи неочекувано со 4-0 загуби од ТНС.
„Шкендија е подготвена за утрешниот натпревар против Шериф. Го анализиравме ривалот, ги гледавме последните пет нивни натпревари, се работи за навистина квалитетен тим. На првиот двомеч со ТНС се претставивме во две различни изданија дома и на гости, ќе се обидеме сега да ја задржиме концентрацијата на високо ниво, тоа може да биде клучно. Сакаме со добра игра сега да покажеме дека она во Велс беше само една лоша епизода“ – вели тренерот на Шкендија, Ќатип Османи.
Сериозен проблем за Шкендија секако ќе биде отсуството на повредениот репрезентативец Марјан Радески. Не негово место во тимот ќе биде Ремзифаик Селмани.
Тренерот на Шериф Тираспол, Горан Сабљиќ, пак, верува дека неговиот тим може успешно да се спротистави на Шкендија и да дојде до позитивен резултат во Скопје.
„Знаеме дека Шкендија е тежок противник, но ние допатувавме во Скопје по добар резултат. Во секој случај, мислам дека патникот за третото коло ќе се решава на реванш дуелот. Овој меч во Скопје нема да го реши тоа“ – вели Сабљиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА