Сопствениците на Формула 1, соопштија дека плановите за воведувањето на новата трка во Мајами се одложени и дефинитивно таа нема да биде на календарот на Ф1 следанта година.
Според најавите и плановите беа Ф1 трката во Мајами да се вози во октомври 2019 година, но од Ф1 соопштија дека преговорите траеле предолго за да може трката да се одржи следната година.
Директорот за комерцијални активности во Ф1, Шон Бречис, изјави дека преговорите биле комплицирани и се пролонгирале затоа што сопствениците на Ф1 се обидуваат да направат најдобра можна улична патека.
„Формула 1 е посветена на тоа да организира трка во Мајами и сака да го зголеми бројот на трки во Северна Америка, покрај постоечките три, во Остин, Монтреал и во Мексико Сити“ – истакнува Бречис.
Градот Мајами во мај годинава го одбобри предлогот да биде домаќин на улична трка во Ф1 шампионатот. Но, на некои возачи не им се допаѓа планот на новата американска патека.
„Мајами е супер „кул“ место, возбуден сум поради тоа, но кога ќе видам ваков план, не сум воодушевен. Мислам дека може да биде многу позабавно“ – изјави актуелниот шампион, Луис Хамилтон.
Планирано е Мајами да потпише десетгодишен договор со Ф1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА