Кошаркарската репрезентација на Македонија за играчи до 18 години денеска се посрамоти, откако во рамките од третото коло од Европското првенство – Б дивизија среде Скопје беше декласирана од Луксембург со резултат 63-73. Ако за вчерашниот пораз од Холандија може да се каже дека беше очекуван, овој денешниот е тотално фијаско за селекторот Милевски и неговите избраници, кои се посрамотија пред очите на домашните навивачи.
Првата четвртина Македонија ја одигра во високо темпо, стигнувајќи до предност од 19-12, за на крајот од полувремето на одмор да се замине со резултат 37-27 за нашите млади кошаркари. Сепак, тоа беше се што се виде позитивно од нив бидејќи остатокот од мечот мина во доминација на аутсајдерите од Луксембург. За само неколку минути противниците ја преполовија разликата, а потоа во последната четвртина и направија целосен пресврт, за нивна прва победа на овој шампионат, изразена со конечни десет поени разлика.
„Црвено-жолтите“ на овој начин се закопаа при самото дно во рангирањето на овој шампионат, со оглед на фактот дека до крајот на групната фаза им претстојат дуелите со Израел и Чешка, двете најсилни репрезентации во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА