Адеми останува во Загреб, Динамо ги одби француските милиони

Аријан Адеми и во новата сезона ќе продолжи да го носи дресот на Динамо Загреб откако хрватскиот првак реши да ги одбие сите понуди за македонскиот репрезентативец. Лил испрати и втора понуда од пет милиони евра, со слична висина беше и предлогот за трансфер од Бордо, но на „Максимир“ на Адеми се гледа како на лидер на овој тим на Динамо, играч што „модрите“ никако не сакаат да го загубат.

Како што јавува весникот „Спортске новости“, раководството на Динамо ги прекинало преговорите со заинтересираните клубови, а сега подготвува договор според кој Адеми уште долго би останал да го носи дресот на овој клуб. Се споменува дури и доживотен договор, според кој Адеми би се согласил да остане до крајот на кариерата во клубот кој му даде безрезервна поддршка за време на допинг-скандалот и суспензијата што му беше изречена.

Погледите на македонскиот репрезентативец сега се насочени кон реваншот од квалификациите за ЛШ во Израел, а во наредните денови се очекува и понудата за нов договор, со кој Адеми би се нашол на листата најплатени фудбалери на Динамо, договор со кој големиот борец уште долго ќе остане на „Максимир“.

Се вчитува...