СЕДМЕРЕЦ: „Огнено крштевање“ на новата генерација

Екипа

Остварена е првата цел во новиот проект – Македонија и во младинска конкуренција се враќа  во европската ракометна елита

1. Враќање на надежта

Јануари е резервиран за европските и светските настапи на најдобрите македонски ракометари, подмладокот пак, некако стана задолжен за летната ракометна треска во Македонија. Лани беше хит настапот на младинците, оние до 21, на СП во Алжир. Годинава шоуто и припадна на новата генерација, оние до 20 години на ЕХФ шампионатот во Скопје.

Нов проект со Данило Брестовац на клупата, „огнено крштевање“ на домашен терен и „штиклирана“ првата цел – македонските надежи го освоја ЕХФ шампионатот и за следната генерација обезбедија враќање во елитата на следното младинско Европско првенство.

Генерацијата, онаа со играчи од 1998, која како што велат „стручните“ не е „ѕвездена“ како претходната, ниту „надарена“ како наредната, покажа дека со работа и мотивација може да се наредат коцките на успехот.

Истата оваа генерација во 2016 не се прослави многу на ЕХФ шампионатот (У18) во Бугарија. Две години подоцна на домашен терен ги поправи грешките и излезе од „Б“ дивизијата.

2.Нешто за пофалба, нешто за критика

Македонија го заврши настапот без пораз во шесте одиграни натпревари на шампионатот, со пет победи и едно непланирано реми против Италија.

Она што е за пофалба е пожртвуваноста, дисциплината и сигурните победи против најсилните противници, Швајцарија и потоа Белорусија во финалето.

Она што заслужува критика е помалку несериозниот пристап и ситуациите да направат „од готово вересија“ со ремито против аутсајдерот Италија или со едвај-победата на пенали со Фарски Острови.

Ремито со Италија според рејтингот, квалитетот, па на крај и домашниот терен, беше за критика, колку и да се лутат „децата“ на медиумите и на јавноста.

Одлуката на капитенот и на дел од играчите „не даваме изјави затоа што не ни се допаѓа кога не критикувате“, исто така. Загубија оние што со својата игра и квалитет, па и со признанието на крај, заслужија да си го кажат својот збор пред јавноста. Наместо да остане само она доблесно, но изнудено „млади сме грешиме, не ни замерувајте“.

На крај на денот, сепак, се е добро штом добро ќе се заврши. Македонија се радува на победата и на „бегството“ од Б дивизија.

Елитата е веќе друга димензија. Тоа е она што го играа Словенија и Франција, истиот ден во финалето на младинското ЕП во Целје. Врвен ракомет во изведба на 20-годишници! Млади се, многу играат, малку грешат…

3.Металург во „пост-Червар“ ера

Намерно или случајно се погоди во исто време со официјалното селекторско деби со младинската репрезентација, на сред ЕХФ шампионат, Данило Брестовац да добие и официјална тренереска промоција во Металург.

Брестовац по три години, се враќа во Автокоманда каде помина дел од својата играчка и почетокот на тренерската кариера како помошник на Лино Червар, сега во нова улога на прв тренер во тимот.

Со Брестовац на клупата и со новите планови за реконструкција во најава, Металург пак почнува нова „пост-Червар“ ера, по деветте години во кои Лино Червар беше заштитен знак на тимот од Автокоманда.

Како што велат од клубот, малку со задоцнување и се уште со малку поголема доза на неизвесност ќе стартуваат со подготовките за новата сезона и со новиот проект. Металург останува на курсот да биде репрезентативна база со малку поголем фокус на младите македонски ракометари. Со големи планови во перспектива и со приклучување и на некои големи имиња од македонскиот ракомет. Во најава…

4.Вардар во „џамбо“ проблеми

Вардар во подготовките за новата сезона стартуваше „ослабен“ без шест ракометари од ланскиот состав, плус без тренерскиот двоец, Раул-Дејвис. И само два дена по стартот, составот на „црвено-црните“ остана „полесен“ и за Страхиња Милиќ.

Српскиот голман пред подготовките странал „ептен Џамбо“, па во Вардар се одлучиле на радикален потег. Поради зголемената тежина, Џамбо добил намалена плата, не прифатил и си замина „спогодбено“, една година пред истекот на договорот.

Вардар пак пред новата сезона остана во „џамбо“ проблеми на голманската позиција, без Штербик и без Милиќ, само со новакот Дејан Милосављев и со Даниел Ѓорѓески кој во наредните неколку месеци се уште ќе биде на рехабилитација по операцијата на коленото.

Овој „ослабен“ Вардар во Лигата на шампионите го очекува „супер тешката“ група со Монпелје, Веспрем, Барселона, Рајн Некар Левен, Кјелце… Колку за потсетување.

Се вчитува...