Фудбалерите на Шкендија денеска во 19 часот ќе истрчаат на стадионот на Шериф во Молдавија, во обид да ја одбранат минималната предност од Скопје и да се продолжи настапот во квалификациите за Лигата на шампионите. Едно е јасно, играта на гостински терен мора да се поправи ако се знае дека на последните два европски меча надвор од Скопје избраниците на тренерот Османи не постигнаа ниту еден, а примија дури десет гола.
Едниот од тие два дуели е со големиот Милан, но вториот е со аутсајдерот ТНС од Велс, јасен знак дека тетовци се мачат на гостински терен да ги повторат домашните партии.
Ако има добар предзнак, тоа е фактот дека „црвено-црните“ својот последен гостински триумф го забележале токму во Молдавија, на почетокот од ланската европска авантура кога ја декласираа Дачија со 0-4.
Во продолжение, погледнете ги последните пет европски гостувања на Шкендија, како најава за денешниот дуел со Шериф.
17 јули 2018 ТНС – ШКЕНДИЈА 4-0
Вистински дебакл на македонскиот првак на гостувањето во Велс што за среќа не значеше и експресен крај во квалификациите за ЛШ. Максимално релаксирани по победата од 5-0 во Скопје, тетовските „црвено-црни“ одиграа катастрофално прво полувреме, примајќи три гола, но успеаја да се консолидираат и да ги одбранат оние „плус пет“ од првиот меч. Во секој случај, лекција што мора да се научи за во иднина.
17 август 2017 МИЛАН – ШКЕНДИЈА 6-0
Со самиот пласман во плејофот за Лигата на Европа беше остварен историски успех, но факт е дека Шкендија преимпресионирано влезе во дуелот на „Сан Сиро“. Милан како европски гигант знаеше како да го искористи тоа, па славеше со 6-0 со головите на Андре Силва (два), Монтоливо (два), Борини и Антонели.
27 јули 2017 ТРАКАИ – ШКЕНДИЈА 2-1
„Луд“ натпревар во Литванија во кој Шкендија прими два гола од Максимов, кој подоцна се пресели во редовите на Вардар. Тетовци имаа бројни шанси, но на крајот мораа да бидат задоволни што загубија само о еден гол разлика, ако се знае дека мечот го завршија со девет фудбалери по црвените картони на Жуниор и на Цуцули.
20 јули 2017 ХЕЛСИНКИ – ШКЕНДИЈА 1-1
Тетовци имаа предност од 3-1 од првиот меч што успеаја да ја одбранат и да го елиминираат финскиот претставник. Радески си постигна автогол во првото полувреме, а значајниот гол што го осигура пласманот во следната рунда го постигна Челиковиќ.
6 јули 2017 ДАЧИЈА – ШКЕНДИЈА 0-4
Последниот гостински триумф во европските купови во пресрет на денешниот меч со Шериф фудбаерите на Шкендија го забележаа токму во Молдавија, каде лани го декласираа тимот на Дачија со 0-4. Откако го добија првиот натпревар со 3-0, тетовци одиграа доминантно и на гостински терен, славејќи убедливо со головите на Алими, Жуниор, Зејнулаи и Хасани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА