Младинската репрезентација на Македонија денеска го претрпе и третиот пораз на Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Скопје, откако избраниците на селекторот Милевски загубија од Израел со убедливи 57-81. По фијаското во минатото коло против Луксембург, денеска и не можеше да се очекува ништо друго освен убедлив пораз од Израелците, кои важат за една од најдобрите селекции на овој шампионат.
Отпорот траеше само осум минути, период во кој се играше со израмнети 12-12, за потоа Израел за околу 90 секунди да постигне осум поени во низа и резултатски да се одлепи. Во втората четвртина отпорот на македонските младинци целосно беше скршен, откако противникот одигра одлично во одбраната, им дозволи само шест поени (6-21) и на одмор се замина со резултат 18-41.
Остатокот од средбата мина во израмнета игра, во ситуација кога победникот беше решен и двете селекции влегуваа во мини-серија, за на крајот да се заврши со конечни 57-81.
Јакимовски и Данилов постигнаа по 12 поени, а двоцифрен беше и Миса со 11, додека прв стрелец на Израел беше Малка со 15 поени.
Македонија во рамките од последното петто коло ќе се сретне со селекцијата на Чешка, меч што на програмата е утре со почеток во 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА