Го победи туморот, сега му се враќа на скијањето

Во 2005 година освои сребрен медал во спуст на Светското првенство во алпско скијање, минатото лето се соочи со голема животна битка, а сега веќе повторно тренира за да му се врати на скијањето. Елена Фанкини, ветеранката во светското скијање пред една година доби лоши вести дека боледува од карцином откако претходно и беше откриен тумор.

Таа мораше да биде оперирана, следуваше хемотерапија, а храбрата Италијанка веќе почна полека да се враќа на тренинзите и се надева на можно повторно учество на трките од Светскиот куп.

„Во ниту еден момент не помислив на крај на кариерата. Напротив, идејата повторно да бидам во скијањето ми беше главен мотив во опоравувањето“ – вели Фанкини.

Засега таа не знае кога точно би можела да се врати на снегот, вели дека не сака да брза, но се надева дека ќе биде доволно здрава и доволно во форма за повторно да застане на стартот.

Елена Фанкини е десет години во Светскиот алпски скијачки куп. Специјалност и се брзите дисциплини, спуст и супервелеслалом. Елена има две сестри скијачки, многу попознатата Надја и Сабрина Фанкини.

 

Се вчитува...