Пеп Гвардиола две години се обидуваше, денеска конечно успеа да го продаде Џо Харт, кој својата кариера ја продолжува во дресот на Барнли. Каталонскиот стратег уште од самото доаѓање во Манчестер сити јасно стави до знаење дека не планира на англискиот репрезентативец, па најпрвин беше доведен Клаудио Браво, а потоа и Бразилецот Едерсон.
Харт во меѓувреме беше испраќан на позајмици во Торино и во Вест хем, но и во двата клуба имаше променливи настапи, поради што воопшто не се најде на списокот на англискиот селектор за СП 2018 во Русија.
И Гвардиола и самиот Харт инсистираа летово да не станува збор за позајмица туку за перманентен трансфер, а целата ситуација ја искористи Барнли, чија понуда од четири милиони фунти беше прифатена од страна на „граѓаните“.
Искусниот чувар на мрежата ќе има сериозна конкуренција за првотимскиот статус со оглед на фактот дека Ник Поуп беше еден од тројцата голмани што добија предност пред него на Мундијалот. Сепак, Поуп е повреден и ќе паузира неколку месеци, така што Харт дефинитивно ќе има можност да ги покаже своите квалитети и да потсети на времето кога беше прв голман на „гордиот албион“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА