Металург, Работник, Струга, Охрид се свртеа кон домашните играчи, Пелистер пак „удри“ на странци…
1.Од Иран до Црна Гора…
„Овој состав е „мачка во вреќа“, прочитав деновиве од еден навивач на Пелистер за новите засилувања на битолскиот тим. Пелистер е ракометен бренд и култ во Битола, па воопшто не зачудува ни „секирацијата“ на навивачите за се што се случува во клубот. И за добро, и за лошо…
Срби, Црногорци, Босанци, па дури и еден Иранец има во плејадата странски засилувања што ги донесе летово управата на Пелистер. Култниот битолски тим одново се ориентира на инстант шемата „многу странци за малку пари“. Талентот од Бутел, Никола Стоилевски, е единствен од младите домашни надежи што прошара летово меѓу странските потписи под „Тумбе Кафе“.
А навивачите го бараат токму тоа, не скрпен тим со многу дојди-замини странци и осум крила за една сезона, туку долгорочен проект со визија за иднина.
„Да не биде пак да плачеме и да се растураме во јуни, а „комшиите“ да не газат“, така пишуваат битолчани, оние што се за Пелистер.
2.Има и друга страна…
За разлика од „изборот“ на Пелистер да брка плеј-оф со желба за СЕХА, на странски погон, летниот тренд во повеќето македонски суперлигаши (Вардар овде не се брои) е враќање на фокусот на домашните играчи, посебно оние од новата генерација.
Можеби за овој тренд имаше свое влијание и ЕХФ шампинатот (У20), оној на кој бевме домаќини и го освои младинската репрезентација под водство на Данило Брестовац. И оној ЕХФ шампион во Тбилиси што ги очекува оние, помалите играчи од златната генерација 2000…Како и да е, македонските ракометни надежи летово излегоа на голема сцена и веќе сите што и малку ги интересира ракомет, знаат кои се Танкоски, Димитриоски, Јагуриновски, Кизиќ, Серафимов…
Можеби придонесе и стратегијата на РФМ од година во година да се намалува бројот на странци во клубовите за настапите во домашната лига. Можеби и пораката од петседателот дека клубовите треба да форсираат домашната младина, наместо „ислужени странци“…
Можеби пресуди и рачуницата дека кога ќе се земат предвид сите трошоци за лиценци и сертификати за странците, многу поисплатливо е да се креира тим на домашен погон со млади перспективни деца.
Ем поевтино, ем општествено одговорно. И на крај, со плус и за клубовите и за македонскиот ракомет.
Металург го најави новиот проект токму во таа насока со тенденција да биде главната репрезентативна база.
Пролет веќе со години е клуб со имиџ на исклучително домашен и како што се покажа, долгорочно сигурен и успешен проект.
Охрид веќе ги испрати странците и за следната сезона ги обезбеди „своите деца“ од клубот и се докомплетира со неколку домашни засилувања.
И РК Струга во новиот суперлигашки предизвик тргна по тој курс. Впрочем, барем во Струга никогаш не недостасувале ракометни таленти.
Па, дури и Вардар, што од зорт, што од криза, ја зголеми македонската квота во составот и во подготовките пред новата сезона, во првиот тим ги вклучи Петковски, Ставровски и Мишевски.
3.„Кале“ се враќа на стариот газда, можеби и Вардар?!
Ракометниот храм „Кале“ има значаен дел во историјата на ракометниот Вардар. Посебно за навивачите. Пред четири-пет години „црвено-црните“ добија нов газда и нова сала и се простија од „Кале“. Навивачите направија проштален спектакл, уште повеќе што на тој последен меч се погоди Вардар да игра против Загреб тогаш со „нашиот“ Вујо мајсторе на клупата.
Но, СРЦ„Кале“ заедно со Вардар влезе под капата на новиот газда и во изминативе години беше сала за помладите категории. Сега завршува и тоа.
За некого изненадувачки, за други очекувано, по се она што се случува со клубот, деновиве стигна веста дека Вардар се откажува од концесијата и „Кале“ се враќа на стариот газда „Ватростална“.
Кој знае, како тргнало, може и некоја друга „концесија“ наскоро да се врати кај стариот газда… Тој секако е вардарец, и со концесија и без концесија!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА