Ланските финалисти на кошаркарскиот плејоф, Работнички и МЗТ Скопје ќе бидат санкционирани од страна на Македонската Кошаркарска Федерација бидејќи во предвидениот рок не ги уплатиле средствата за котизација за настап во новата натпреварувачка сезона.
На сметката на МКФ се уплатени пари од шест од дванаесетте прволигаши, а на листата на неплаќачите симптоматично е присуството на двата скопски клубови. Работнички и МЗТ Скопје имаат најголеми буџети за наредната сезона, веќе потрошија значителни средства и за осигурување на врвни засилувања, но кога дојде ред за подмирување на обврските за котизација, се снема пари за оваа ставка од буџетот. Неофицијално, образложението на голем дел од должниците било дека се чекаат пари од општинскиот буџет, што е предалеку од оправдана причина за вакво нешто.
Македонската Кошаркарска Федерација при утврдувањето на роковите се закануваше дури и со исфрлање од лигата на неплаќачите, па останува да се види каков ќе биде следниот чекор од куќата на кошарката. Во следните денови ќе биде одржан состанок на Комисијата за Итност, на која ќе се дискутира за новонастанатата ситуација и ќе се предложат казни што потоа ќе треба да ги верификува Управниот Одбор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА