Росе: Нашата цел е да ја елиминираме Шкендија

Австрискиот првак Салцбург утре (19 часот) ќе ја пречека Шкендија во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите, а тренерот Марко Росе е убеден во квалитетите на својот тим. Тој ја респектира Шкендија, но и верува дека Салцбург со максимално залагање ќе успее да го елиминира македонскиот шампион.

„Наша цел е да го елиминираме следниот противник и да продолжиме по патот кон групите во Лигата на шампионите. Ги знаеме добро квалитетите на Шкендија, тоа е тим кој супериорно стана првак на Македонија, всушност ја освои двојната круна, што значи дека ние ќе мораме да бидеме на највисоко ниво. Нема фаворити и аутсајдери во мечевите од ЛШ, се треба да се заслужи на теренот“, изјави тренерот на Салцбург, Марко Росе.

Играчот за врска на австрискиот клуб, Диадие Самасеку, смета дека Шкендија е навистина квалитетен тим, со посебно изразена офанзива.

„Секој што ќе потцени ривал во Лигата на шампионите може само да биде казнет поради тоа. Шкендија е квалитетен тим, има одлични напаѓачи во својот состав и ние мораме да бидеме максимално внимателни. Посакуваме победа без примен гол“, истакна фудбалерот на австрискиот шампион.

Мечот меѓу Салцбург и Шкендија ќе се одигра утре, со почеток во 19 часот, во рамките на третото квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Се вчитува...