Богатиот татко на Ленс Строл ја спаси Форс Индија

Иднината на тимот Форс Индија во Формула 1 е спасена откако синдикатот назначен од државата како времена администрација, го прифати договорот предложен од Конзорциумот на инвеститори предводен од канадскиот милијардер, Лоренс Строл. Со тоа се практично му се одземаат сите овластувања на Виџеј Малаја кој беше сопственик на клубот 10 години.

Форс Индија падна во стечај неколку дена пред трката за ГН на Унгарија, откако нивниот возач Серхио Перез го тужеше тимот за неисплатени плати. Мексиканецот има побарување од 3 милиони фунти, а тужбата му беше поддржана и од Мерцедес како снабдувач на мотори. Долгот на Форс Индија кон германскиот производител е повеќе од 10 милиони фунти.

Според изјавата на претставникот на синдикатот, Џоф Роули, сите 405 работни места во Форс Индија ќе бидат спасени. Конзорциумот од инвеститори кој го презема управувањето го води таткото на возачот на Вилијамс, Ленс Строл – Лоренс Строл.

„Ваквиот развој на настаните обезбедува иднина на тимот на Форс Индија во Формула 1 и ќе ни овозможи да се натпреваруваме со полн капацитет. Исклучително ми е драго што имаме поддршка од инвеститори кои веруваат во нас како тим и кои во ова гледаат сериозен бизнис потенцијал сега и во иднина“ – изјави директорот на Форс Индија, Отмар Шафнауер.

Се вчитува...