Може ли Шкендија да го ‘преживее’ Салцбург?

Македонскиот првак Шкендија вечерва (19 часот) му гостува на австрискиот шампион Салцбург во првиот меч од третото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Тимот на Ќатип Османи е аутсајдер, со оглед на реномето на познатиот австриски тим, кој минатата сезона стигна до полуфиналето во Лигата на Европа, но тоа не значи и дека лесно ќе се предаде на ова значајно гостување. Желбата е да се оствари позитивен резултат пред реваншот во Скопје за шест дена, затоа што следниот чекор значи и историски резултат, пласман во плејоф колото, пред групите во елитното европско клупско натпреварување.

Тренерот Ќатип Османи му ја препушта фаворитската улога на Салцбург, но и верува во квалитетите на своите фудбалери.

„Салцбург го заслужува нашиот респект. Тоа е квалитетен тим, клуб со огромен буџет, кој долги години игра значајна улога во фудбалска Европа. Но, и Шкендија сака да напредува, го прави тоа на свој начин во изминатите неколку сезони и сега сакаме да направиме уште еден значаен исчекор. Веруваме во нашите можности и ќе дадеме се за да му се спротивставиме на Салцбург. Ќе ја играме нашата игра и се надеваме дека можеме да се вратиме дома со позитивен резултат“, вели тренерот Ќатип Османи.

Мечот меѓу Салцбург и Шкендија ќе се игра во 19 часот, а ќе го суди Алијар Агајев од Азербејџан.

 

Се вчитува...