ЖРК Вардар отвора ново поглавје во клупската историја и во новата сезона ќе го гледаме во еден поинаков лик во однос на последните пет сезони. Раководството уште во текот на мината сезона одлучи да го распушти шампионскиот тим и Вардар да продолжи со млад состав од домашни ракометарки кои ќе се натпреваруваат во првенството на Македонија.
Новиот тим на ЖРК Вардар е составен од ракометарки родени 2002 и помлади, а од клупата ќе го водат актуелниот селектор на македонската репрезентација, Симе Симовски и поранешната репрезентативка Драгана Ристова (Пецевска) која веќе неколку години работи успешно со младите категории во Вардар, а во стручниот штаб ќе бидат и кондицискиот тренер Марија Лојаница и Александар Царчев задолжен за работа со голманите.
„Екипата е млада и на хартија делуваме како аутсајдери, но со добар пристап и систем би требало следните сезони да имаме резултати. Потребно е трпение за да се стигне до посакуваниот резултат. Досега работевме на физичката подготвеност согласно на нивната возраст. Во однос на ракометното знаење тоа го имаат и треба само да се наградуваат. Имаме добар фонд на играчи и нема да биде никаков проблем да се натпреваруваат во лигата“ – истакнува Драгана Ристова во изјавата за официјалниот сајт на клубот.
Во составот на ЖРК Вардар има 21 ракометарка, сите се од младинските школи на Вардар, со исклучок на десниот бек Теодора Стаменковска која дојде од Велес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА