Раздвижено е и во Куманово, каде поранешниот вицешампион на Македонија полека, но сигурно го екипира тимот за наредната сезона. Адем Мекиќ ја прифати понудата да остане во клубот, во Куманово се враќа и младиот Мишо Тодоровиќ, а нов член на „сино-белите“ е поранешниот член на МЗТ Скопје, Игор Пенов. Покрај овие тројца домашни играчи, потпишани се едногодишни договори и со Мирко Ковач и Бранислав Ѓекиќ, странските кошаркари кои лани одиграа квалитетно во дресот на кумановци и ќе го продолжат својот престој во овој клуб.
„Задоволен сум од почетокот на екипирањето на ростерот. Потпишавме квалитетни играчи, во клубот владее некоја нова позитивна енергија, што кај сите го крева оптимизмот во пресрет на новата сезона“ – истакна тренерот Александар Петровиќ.
Адем Мекиќ и наредната сезона ќе ја мине во дресот на Куманово, клубот каде со успех настапуваше во вториот дел од ланскиот шампионат. По седењето на клупата во МЗТ Скопје овој кошаркар доби шанса во дресот на кумановци и ја оправда довербата, што беше доволна причина да му биде понуден нов договор. Во трката по Мекиќ учествуваа уште неколку македонски прволигаши, но тој реши да остане во таборот на тренерот Петровиќ.
„Задоволен сум што продолжувам во Куманово. Тоа е клубот што ми даде шанса, лани имав значителен напредок во играта, а искрено се надевам дека во новата сезона ќе прикажувам уште подобри игри“ – истакна Мекиќ по потписот на договорот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА