„Ѕверска“ одбрана – Македонија прими само еден поен во четвртина, па ја растури Словачка

Кадетската репрезентација на Македонија направи уште еден голем чекор кон четвртфиналето од Европското Првенство – Б дивизија во Сараево, откако вечерва го декласираше составот на Словачка со преубедливи 76-53. Со извонредното издание на овој дуел нашите кошаркарски надежи (генерација до 16 години) само потврдија дека вчерашниот триумф над Белгија воопшто не беше случаен, а Македонија ќе има што да каже во битката за висок пласман на овој шампионат.

„Црвено-жолтите“ добро го почнаа натпреварот и набрзина поведоа со девет поени разлика, но Словачка успеа да се врати, па првата четвртина заврши со минимални 22-20 за нашиот состав. А потоа вторите десет минути беа демонстрација на совршена одбрана на Македонија, период во кој Словаците постигнаа само еден единствен поен наспроти 20 на нашите млади кошаркари, па победата беше осигурана уште при заминувањето на одмор.

Преостанатите 20 минути беа само рутина, селекторот им даде шанса на сите кошаркари и ги одмори клучните играчи за претстојните предизвици. Тоа воопшто не се одрази врз резултатот, па Македонија ја забележа и втората победа во групата.

Андреј Андоновски беше главна фигура при денешниот триумф со 20 поени и 12 скокови, Миловановиќ реализираше 18, а Величковски 12 поени за македонскиот кадетски состав.

Утре е слободен ден на шампионатот во Сараево, по што в понеделник нашите кошаркари ќе се сретнат со Данска, претпоследниот ривал (последен ќе биде тоталниот аутсајдер Норвешка) во обид да се обезбеди пласман во четвртфиналето.

Се вчитува...