Унгарецот Петар Галич и Србинката Јована Јецански се победници на Олимпискиот маратон кој се одржа на Охридското езеро.
Трката од 10 километри Галич ја помина за 2:02.47 часа, додека Јецански патеката ја мина за 2:36.41 часа.
Второпласиран во машка конкуренција беше Чехот Мартин Штрака (2.11.29 часа), а бронзата му припадна на Борислав Фермановиќ од Србија (2.22.17). Андреј Стојаноски со време од 2.29.51 часа беше најдобропласиран македонски пливач завршувајќи на 4. место.
Годинава иако со помал број на учесници продолжи традицијата започната минатата година со првото издание на кое славеа бугарските пливачи Венцислав Ајдарски и Василики Кадоглу.
„Второто издание на Олимпскиот маратон на 10 километри помина со помалку пливачи, но со добар квалитет. Европското првенство кое моментално се одржува не ни одеше во прилог, но ние мораше да ја продолжиме традицијата и да го организираме. Замислата за одржување на ваков маратон ја имавме од 2006 година, но минатата година ги собравме потребните средства и се нафативме да го организираме. Што се однесува до паралелизмот во пливањето одговорни се инстутиции и токму тие треба да го решат. Седум месеци пливањето оди во ќор сокак. Инаку од спортски манифестации нема зијан никој и ние ќе се радуваме ако овие пливачи што беа овде пливаат и на други маратони“ – изјави по маратонот Кочо Паскали, прв човек на Клубот за спортови на вода „Охридски бранови“ кој е организиратор на маратонот.
Наградниот фонд на 10-километарскиот маратон изнесуваше 2. 000 евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА