Златната генерација сама се бори за својата иднина
1.За старт – три од три
Долго топло лето има годинава Данило Брестовац во своето селекторско деби и во обидот да ја изведе македонската ракометна иднина на вистински пат. Два ЕХФ шампионати, младинскиот во Скопје и кадетскиот во Тбилиси и нова „весела математика“ со промените од ЕХФ.
Македонија и Чешка победија на ЕХФ шампионатите за играчи до 20 години и го прославија пласманот во елитата и местото за следнаат генерација на младинскиото ЕП. Арно ама, не било така.
Според „дополната на билтенот“ во Виена, победа на ЕХФ шампионатите (У20) во Скопје и во Подгорица носи некој престиж, но не и пласман на младинското ЕП во 2020 година. За него сега треба да се изборат кадетите на ЕХФ шампионатот (У18) во Грузија. Така велат од европската куќа на ракометот.
Златната генерација сама си ја крои својата иднина. И ќе биде по мерка скроено ако македонските ракометни надежи со време фатат чекор со елитата. Светското првенство (У19) следната година им е обезбедено бидејќи Македонија е домаќин. Во идеалното сценарио, оваа генерација потоа треба да настапи на ЕП 2020 (У20) и на крај со сигурен чекор да влезе во сениорскиот предизвик.
За среќа, на помладите пулени на Брестовац добро им тргна во Тбилиси. Македонските кадети на стартот имаат три од три и пласман во полуфиналето на ЕХФ шампионатот. Во првите два меча, кадетите имаа две планирани победи со Литванија и со Луксембург, сигурни настапи и впечатливи голгетерски партии.
Денеска се намачија со Фарски Острови, ама на крај мајсторски го добија мечот. Костески, Серафимов, Кизиќ… веќе кројат светла иднина.
2.Вардар – Фуксе Берлин – Монпелје…
Во првата проверка пред стартот на новата сезона, Вардар во „ново руво“ под водство на Роберто Гарсија Парондо, настапи на „Хајде Купот“ во Германија. Вардарци на крај завршија на четвртото место со една победа и два порази.
Во овие претсезонски настапи во кои тимовите се уште се комплетираат и воигруваат, резултатите и пласманите и не се толку релевантни.
Сепак, има една „весела математика“, онака претсезонска.
Вардарци во првиот меч загубија од поранешниот европски шампион, сега германски второлигаш, ХСВ Хамбург и од Лајпциг во мечот за 3.место. Меѓу овие два натпревари, вардарци го победија Фуксе Берлин. Берлинските „лисици“ пак, го освоија турнирот и тоа со победа против актуелниот европски шампион Монпелје.
Вардар го победи Фуксе Берлин. Фуксе Берлин го победи Монпелје. Монпелје е европски шампион…
Значи, нема зима за вардарци, по оваа „весела математика“.
3.Металург пазари во Белгија, Вардар се обиде во Португалија…
Белгискиот репрезентативец со балканско потекло, Арбер Ќерими, од Франција реши да се пресели во Автокоманда. Тој е најновото засилување во редовите на македонскиот шампион кој во новата сезона тргнува со нов тренер и нов амбициозен проект.
Металург е третата „главоболка“ за Брестовац летово. На тренерската промоција во најавата на новиот проект, Брестовац рече дека Металург и понатаму ќе биде „фабрика за таленти“ со македонска база која ќе се дополнува со странски засилувања, по потреба на дефицитарните позиции. Најдобриот белгиски ракометар доаѓа како засилување на централната бековска позиција на која Металург има неколку домашни опции. Ќерими има 28 години, минатата сезона настапуваше за францускиот Сесон со кој првично имаше договор на три сезони, но соработката заврши уште по првата година и тој од Франција се сели во Македонија и влегува во новиот проект на „металурзи“.
И додека Металург пазареше во Белгија, Вардар си ја проба среќата во Португалија. Но, засега се уште без конкретна реализација.
Голманската опција за Вардар од Португалија дефинитивно отпадна, а пикерската со Боргес се уште е во некоја „весела математика“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА