Директорот на Македонската Кошаркарска Федерација, Владимир Темелковски, не го крие разочарувањето од односот на дел од македонските прволигаши, кои не ја платија сумата за котизација во висина од 615.000 денари за целата наредна натпреварувачка сезона. Само два прволигаши целосно ја платија котизацијата во предвидениот рок (7 август), останатите ќе платат и казна од 10% најдоцна до 1 септември, а сите оние кои нема да ја платат таа сума ќе бидат суспендирани и нема да се натпреваруваат во Првата лига.
„Имаме причина да бидеме разочарани бидејќи верувавме дека ќе се постават правила на игра што ќе се почитуваат од страна на клубовите, бидејќи веќе извесно време разговаравме на оваа тема. Станува збор за сума со која за цела година се покриваат официјалните лица, а сега клубовите се жалат дека немале пари да ја платат во месец август, однапред за целата сезона. Ако се немаат пари за најосновни трошоци, како потоа би се функционирало во текот на сезоната“ – истакнува Темелковски.
Тој е особено разочаран од односот на Работнички, кој повторно најави сериозен буџет, но се наоѓа на списокот на неплаќачи.
„Имаме клубови кои имаат зацртано буџет од околу 500.000 евра, и тоа општински, народни пари, а сега велат дека немале да платат 10.000 евра како обврски кон федерацијата, пари за судии, делегати, статистичари… Искрено сум разочаран од Работнички, кој по толку време освои шампионска титула, а повторно реши да не се натпреварува во Европа или во било кое друго регионално натпреварување. Од ФИБА ни беше соопштено дека сме единствена земја во која шампионот решава да не се натпеварува и на европско ниво, што е поразително за сите нас во кошарката, но треба да е најпоразително за луѓето во Работнички“ – вели Владимир Темелковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА