ДРИБЛИНГ: Самсоненко го известил Шилегов дека се повлекува… Е сега убаво да извести и што на Вардар му остава!?

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко сега и официјално е познато дека буквално го брише ФК Вардар од листата на „големи љубовни приказни“ откако истото му го соопштил на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. И, ништо страшно. Доаѓања и заминувања на инвеститори кои си играат со клубот имало и ќе има… Само што редно е, и убаво, како и за секој друг кој го водел најголемиот македонски фудбалски бренд, да се расчисти „мистеријата“ пред јавноста околу тоа како и колку вложувал… Па, со чесна и чиста сметка да се знае што и како Вардар изгубил а што добил од едно „инвестициско владеење“. А, Сергеј Самсоненко го следат мистерии уште од првиот ден на преземањето на ФК Вардар и отворањето (во втор обид!?) на понудите за откуп на акциите од Град Скопје во јануари 2014 година. Така да, очигледно ќе има многу за расчистување!

=============================================================================================

Интересно прашање во целата приказна со откажувањето на Русинот Сергеј Самсоненко од вардаровото семејство е како тоа по година во која ФК Вардар се избори за историско учество во групна фаза од Лига Европа доаѓа екстремно брз финансиски колапс на Самсоненко по кој не е можно дури ниту со намален буџет во иднина да продолжи да го води тимот, туку мора комплетно откажување!? Одговори има два: Или парите со кои владеел не биле само негови, па сега со запрени ‘јавни чешмичиња’ нема шанса за преживување! Или тотално незнаење, негово и на одбраното раководство, да менаџира со клубот – кој кога доаѓаше го најави како иден постојан учесник во групите на ЛШ, а место тоа по само четири години комплетно го откажува. Трето нема! Или едно, или друго, или двете заедно!

Нејсе. Ова прашање секако само ќе си добие одговор ако Сергеј Самсоненко онака како што убаво го известил Град Скопје дека се повлекува, сега уште поубаво даде одговор пред јавноста за сите договори со градот и општините кои ги постигнувал под превезот „инвестирање во Вардар“ и на крајот што и како ќе остане за ФК Вардар по неговото повлекување… Затоа што и најжестоките вардарови фанови, и огромните грешки во начинот на водење на клубот, и бројните кадровски пропусти, и бројните киксеви во спортскиот дел ги оправдуваа со девизата „без разлика на се, ФК Вардар доби инфраструктура, Академија и терени кои засекогаш остануваат за него!? Само, дали е така!?

Па, затоа, убаво е да се даде одговор:

  1. Сопственик на ФК Вардар од јануари 2014 е РК Вардар како купувач на пакетот акции од Град Скопје и ЈПССДП за 81.000 евра. Интересно, на првиот јавен повик на 14. јануари 2014 за купување на ФК Вардар не се јави ниту еден заинтересиран. Но, и покрај тоа, за само три дена тогашното раководство на Град Скопје повторно објави нов повик очигледно добро договорено за влез на Сергеј Самсоненко, кој ете потоа беше единствен понудувач. Што е договарано и договорено во тие три дена никој не знае. Затоа време ли е конечно договорот (кој иако е од јавен интерес никој никогаш ниту го добил ниту го видел) за купување на ФК Вардар да биде обелоденет пред јавноста?
  2. Сергеј Самсоненко очигледно со најавата за повлекување сега го раскинува предвреме десетгодишниот договор. Што во таков случај? Постојат ли клаузули во случај на еднострано раскинување на договорот?
  3. Што од се што е изградено за фудбалскиот клуб изминативе години е на име на ФК Вардар? Дали со документација е точно утврдено на што е сопственик ФК Вардар? Ако купувач на ФК Вардар е РК Вардар, кој е купувач на РК Вардар?
  4. Во 2015 година поранешниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски обвини дека државата му го продала местото веднаш до арената „Филип Втори“ на Сергеј Самсоненко за криминално ниска цена… „Продавање атрактивна земја за 40 евра е криминогено и безмилосно раскрчмување на атрактивно земјиште“ – изјави тогаш Жерновски. Но, и покрај борбата на општина Центар, за кратко време ФК Вардар на тоа земјиште во Градскиот парк ја изгради Академијата. Само, дали е таа на име на ФК Вардар? Дали таа останува за ФК Вардар? Дали има вистина во актуелните шпекулации дека Самсоненко не планира да ја остави на клубот, а по неговото повлекување може да добие и друга пренамена?
  5. Што ќе се случи со тренинг комплексот во Хиподром? Дали истиот е граден со договор за јавно-приватно партнерство? Дали има вистина дека Самсоненко не се откажува и од него? И на крајот, со чии пари и под какви услови се градени двата капитални објекти на ФК Вардар? Дали јавноста конечно ќе ги види договорите за изградба на истите? За чисто да се знае дали можеби некој се ‘кител и со туѓо перје’!?

Убаво е за сето тоа да се добие одговор. Заради јавноста, мистериите и бројните нерасчистени прашања кои кружат околу ваквиот Вардар уште од 2014 година! ФК Вардар, ниту заслужил ниту заслужува и во иднина да живее под превезот на постојани мистерии… Затоа што, како што постојано и во минатото е потенцирано а овие актуелните во него никогаш не разбраа: „Вардар не може да биде ничија приватна своина!“

Затоа, убаво е Сергеј да даде одговор на сето ова! А, ако не сака тој – ќе мора Град Скопје и институциите! Нема бегање!

Се вчитува...