Србиновски прозиваше: Гостивар ќе игра убава кошарка пред нашата верна публика

Тренерот на Гостивар, Марјан Србиновски, ја одржа првата прозивка во пресрет на новата сезона. Играчкиот кадар е значително променет, но откако во првата сезона по камбекот во елитата обезбедија влез во Супер-лигата, гостиварци се надеваат на сличен епилог и во наредниот шампионат.

„Овој период ќе го искористиме за што подобри подготовки на физички и на тактички план, а ќе одиграме и неколку контролни натпревари што ќе ни помогнат што подобро да ја темпираме формата за стартот на сезоната. Гледано квалитативно екипата е приближно на исто ниво како и лани, ростерот е променет пред се околу странските играчи. Неблагодарно е да се прогнозира и ветува пласман, тоа сепак зависи и од екипите што ќе ги состават ривалите, но едно можам да ветам, Гостивар ќе се бори на секој меч за победа, ќе игра убава кошарка и на тој начин ќе им се заблагодари на навивачите кои и минатата сезона ни даваа огромна поддршка, а очекувам во ист стил да продолжат и во новото издание на лигата“ – изјави Србиновски.

Проблем за овој стратег, како и за речиси сите тренери во Првата лига ќе биде недостигот на квалитетни домашни играчи, од кои тројца ќе мора во секој момент да бидат на терен поради новото правило на МКФ.

„Ситуацијата е таква каква што е, со нашиот буџет не можевме да си дозволиме да ангажираме некој од поскапите домашни играчи. Мораме да се снаоѓаме, но воглавно сум задоволен од тимот што го составивме со буџетот што го имавме на располагање, останува сега низ тренинзите да се подготвиме за она што ќе претстои“ – истакна тренерот на Гостивар.

Се вчитува...