Машката кадетска репрезентација на Македонија ја победи Естонија со 26-22 во последниот натпревар од групната фаза и со максимални пет победи супериорно продолжува во полуфиналето на ЕХФ шампионатот (У18) во Тбилиси, Грузија.
Иако од претходно веќе го имаа обезбедено првото место во групата, македонските кадети максимално сериозно и мотивирано го одиграа и овој завршен дуел од оваа фаза. Уште по првите десет минути се одлепија на 6-3 и со концентрирана и максимално рационална игра ја зголемуваа предноста. разноврсноста во нападот беше дополнета и со пожртвувана игра во одбраната на која дополнителна сигурност и додаде и голманот Виктор Василевски со неколку успешни интервенции и еден одбранет седмерец.
Во завршните десет минути од првиот дел, Македонија прими само два гола и практично за едно полувреме ја обезбеди победата заминувајќи на одмор со високи +9 (16-7).
Убедливата предност донесе мала опуштеност во играта на македонскиот состав на почетокот од второто полувреме, што им даде шанса на Естонците да ја намалат негативата на 19-14. Но, Василевски беше сигурен на голот, одбрани два зицери во серија и ја врати Македонија во ритам.
На стартот од последната четвртина, избраниците на селекторот Данило Брестовац повторно беа на сигурни осум гола разлика (23-15) и до крај рутински го одржуваа водството. Естонците во финишот успеаја да го ублажат поразот намалувајќи на 23-20 на три минути пред крај. Опасноста ја реши Ненад Костески кој ја прекина лошата серија на македонската репрезентација со четвртиот погодок за 24-20, а точка на натпреварот стави Митиќ со последниот погодок за конечните 26-22.
Противникот на Македонија во полуфиналето на ЕХФ шампионатот ќе биде познат по завршувањето на дуелот меѓу Белорусија и Италија кои се борат за првото место во групата Б. Макеоднија како првопласирана во групата А ќе игра со второпласираниот од другата група, а натпреварот е на програмата в сабота со почеток во 17.15 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА