Се е подготвено за Интернационалниот пливачки маратон што утре со почеток во 10.30 часот ќе се одржи во водите на Охридското езеро, организиран од Пливачка федерација на Македонија (ПФМ) и Пливачкиот клуб Феникс од Скопје. Како што беше најавено на денешната прес-конференција во Охрид, на оваа трка ќе учествуваат шест пливачи во машка и шест пливачи во женска конкуренција.
„На трката ќе се пливаат шест круга. Еден круг ќе биде 1 665 метри. До сега имаме вкупно 12 натпреварувачи, а можеби во текот на овој ден бројката ќе се зголеми за три пливачи. Минатогодишниот победник Ајдарски ќе има голема конкуренција во Бертола, Шутен и нашиот пливач Илиески. Во женска конкуренција исто така има добра конкуренција, а за прв пат ќе настапи Петровска. Од името на сите им посакувам многу среќа, добро здравје и мирна вода на пливачите“ – изјави претседателот во далечинско пливање, Томи Стефаноски.
Вкупниот награден фонд на маратонот изнесува 3 400 евра. Победникот во машка и женска конкуренција ќе добие 800 евра, второпласираните по 400, а третопласираните по 300 евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА