Топ 10 трансфери во Италија: Роналдо, Игуаин, Наинголан…

Се е подготвено за стартот на новата сезона во „Серија А“, која би требало да биде поинтересна од претходните. Јувентус е засилен со Кристијано Роналдо, но значително своите екипи ги освежија и Рома, Интер и Милан, кои најавуваат жестока борба за највисок пласман.

Најголемата енигма се очекува да биде Наполи, со оглед на ограничениот ростер и недоведувањето на врвни засилувања во текот на летово. Сари си замина, но впечаток е дека овој стратег го вадеше максимумот од „наполитанците“, што го прави уште поголем притисокот врз новиот тренер Карло Анчелоти.

Во прегледот на десетте најскапи трансфери на Апенинскиот полуостров, далеку пред сите се наоѓа Кристијано Роналдо, за чии услуги Јувентус му плати на Реал Мадрид 100 милиони евра. Со неговото доаѓање слободен стана Гонзало Игуаин, кој замина за Милан во трансфер вреден 54 милиони евра (позајмица, плус откупна клаузула). Третото место повторно е за „старата дама“, која плати 40 милиони евра за десниот бек на Валенсија, Жоао Кансело.

Раџа Наинголан го чинеше Интер 38 милиони евра, но кинеските газди успеаја да му ја исполнат желбата на тренерот Спалети, кој имаше беспрекорна соработка со Белгиецот во Рома. Петтото место го делат дефанзивците Калдара и Бонучи, кои во меѓусебна размена на Милан и Јувентус ги променија клупските бои, и двајцата проценети на по 35 милиони евра.

Најскапо засилување на Наполи летово беше Фабијан Руиз, за кого на Бетис му беа платени 30 милиони евра, а на десеттото место на ранг-листата се наоѓа новиот напаѓач на „наполитанците“, Симоне Верди, со трансферот вреден 25 милиони евра од Болоња. Стивен Нзонзи беше највредниот трансфер на Рома, доаѓајќи од Севилја за почетни 26,6 милиони евра, а меѓу десетте најскапи има место и за Дуван Запата, кој се сели од Сампдорија во Аталанта за 26 милиони евра (позајмица плус откупна клаузула).

Се вчитува...