Селекцијата за кошаркари до 16 години оствари огромен успех откако вечерва славеше над Чешка со резултат 84-66, освојувајќи го третото место на Европското Првенство – Б дивизија во Сараево, и што е уште поважно – обезбедувајќи промоција во елитното друштво. Со години наназад Македонија беше закована кон средината и дното во младинските категории, за летово токму оваа генерација млади асови под водство на селекторот Јованчев да блесне и да оствари фантастичен резултат.
Иако синоќа имаа исклучително тежок натпревар против БиХ, тој пораз не остави никаква трага врз нашите млади кошаркари, кои собраа сили и кога беше најважно го одиграа својот најдобар меч на шампионатот. Иако имаа водсство во голем дел од првото полувреме, на одмор заминаа со само четири поени предност (39-35), но затоа вистинска „експлозија“ следеше во третиот период.
Клучна беше серијата на стартот од третиот период, кога Македонија по водството од 41-37 направи 16-0, целосно исфрлајќи го противникот од ритам. Чесите конечно постигнаа поени, но Миловановиќ погоди две тројки на спротивната страна, па предноста ја надмина и границата од 20 поени. По една таква позитива, нашите млади кошаркари знаеја како умешно да го приведат мечот до крај и да стигнат до огромна победа од 84-66.
Марко Миловановиќ повторно беше клучна фигура со 23 поени и 13 скокови, Андоноски постигна 15 поени, а двоцифрен ефект имаа и Савичевиќ и Данаиловски со по 10 поени. Сепак, честитките подеднакво одат кај сите кошаркари и членови на стручниот штаб, за големиот успех и чекор напред на македонската кошарка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА