Ѕвездата на англискиот фудбал, Дејвид Бекам, избран е да добие награда од претседателот на УЕФА, Александар Чеферин. Тој за поранешниот капитен на Англија посочи дека е вистинска фудбалска икона на своето време и пример за идните генерации.
„Наградата на претседателот се доделува за највисоки достигнувања, одлични професионални и лични квалитети кои се за пример. Го одбравме Бекам да ја добие годинашната награда затоа што тој е глобален амбасадор на фудбалот. Ја покажува играта и нејзините вредности во секој дел од планетата. Со својот постојан хуманитарен ангажам тој им помогнал на многу деца низ целиот свет и треба да му се оддаде признание. Бекам е вистинска фудбалска икона на своето време“ – вели Александар Чеферин во изјавата на официјалниот сајт на УЕФА.
Дејвид Бекам ќе ја прими наградата од УЕФА на свечена церемонија во Монако. Бекам во својата клупска и репрезентативна кариера одигра 762 натпревари и има постигнато 130 гола.
„Тоа е огромна чест за мене. Секогаш давам максимум и горд сум што ќе бидам на славниот список на фудбалери што ја добиле наградата од претседателот на УЕФА. Секогаш се обидувам да ги поддржам вредностите на тимската работа и на чесната игра. Имав многу незаборавни моменти на теренот“ – изјави 43-годишниот Дејви Бекам.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА