Јанко Луковски – стручен советник на Кочов во МЗТ Скопје

Стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром за време на подготовките за новата сезона ќе биде исклучително засилен, откако улогата на стручен советник на тренерот Ѓорѓи Кочов му е доделена на легендарниот македонски стратег, Јанко Луковски.

Станува збор за поранешен играч на МЗТ, кој настапуваше во сино-белиот дрес во периодот помеѓу 1976 и 1978 година, а седеше и на клупата на тимот од Аеродром и тоа во сезоната 1997/98. Зад себе има 20-годишен тренерски стаж во поголем број македонски, српски и црногорски тимови, а во последниве две децении е ориентиран на работа со млади таленти и под негова палка функционира една од најдобрите кошаркарски школи во Србија.

Луковски беше присутен на првиот тренинг на МЗТ Скопје во пресрет на новата сезона, а ќе му помага на Кочов и за време на базичните подготовки во Маврово.

Но, негова главна задача нема да биде асистенцијата во првата екипа, туку едукацијата на тренерите кои работат во нашата младинска школа. Неговото огромно искуство и големо кошаркарско знаење и тоа како ќе им бидат од помош на младите стратези кои работат со генерациите од 12 до 20 години под капата на МЗТ Скопје Аеродром.

Ангажманот на легедарниот Луковски е само продолжување на замислата за зголемување на квалитетот со работа со младите категории, што, пак, на подолги патеки треба да донесе голем бенефит за актуелниот вицешампион, за во иднина првиот тим наместо да ангажира играчи од други клубови местата во ростерот да ги пополнува од сопствениот расадник за таленти.

Се вчитува...