Александар Чеферин долго време одолеваше на иницијативите за вклучување на ВАР технологија на средбите „под капата“ на УЕФА, но првиот човек на европскиот фудбал е подготвен да го промени својот став. ВАР-технологијата ќе пристигне и во Лигата на шампионите, и тоа веќе од четвртфиналните натпревари оваа сезона, одлука што треба да биде верификувана на состанокот на Извршниот комитет закажан кон крајот на овој месец.
Доброто функционирање на технологијата за време на СП 2018 придонесе Чеферин и неговите најблиски соработници да се премислат, па сега бараат начин за што ппобрза имплементација на ВАР-системот и за Лигата на шампионите.
Изборот тоа да се случи од четвртфиналето се должи на сомнежот дека има доволен број на судии подготвени на највисоко ниво да ги носат одлуките, па затоа и не се инсистира ВАР да биде вклучен од почетокот на сезоната. Вака, ќе има сосема доволно време до април за спроведување на нови семинари и тестирања, а воедно на програмата ќе бидат и само четири натпревари седмично, за кои нема да биде неопходен броен кадар.
Речиси сигурно е дека УЕФА ќе реши ВАР-технологијата да биде вклучена и во натпреварите од ЕВРО 2020, но Чеферин сака прво да види како ќе функционира целата ситуација во Лигата на шампионите пред да се донесе конечна одлука за континенталниот собир.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА