Македонските одбојкари продолжуваат со трилер-натпреварите во квалификациите за ЕП 2019, откако и во четвртиот натпревар од групата играа тај-брејк. За разлика од пред неколку дена, овојпат славеа на гостувањето против Швајцарија со 2-3, реванширајќи му се на овој противник за поразот во третата рунда. Идентично како и во првите две кола, Македонија одигра два одлични сета, поведе со 2-0, но потоа застана, му дозволи на противникот да се врати, но во вистински момент се разбуди и стигна до голем триумф со кој останува во игра за пласман на европскиот шампионат.
Швајцарците нешто подобро влегоа во мечот, имаа предност на самиот почеток, но Македонија во вистински момент го сврте резултатот во своја полза, поведувајќи со 10-14. Не само што не потклекнаа, туку нашите репрезентативци и уште повеќе ја зголемија предноста, откажувајќи ги предвреме Швајцарците од овој прв сет. Пред самиот крај дојде до мало опуштање, но сепак сетот беше добиен рутински со 25-21. Со самоуверена игра се продолжи и во вториот сет, во кој Македонија го контролираше резултатот, ги исфрли од ритам најдобрите швајцарски одбојкари и заслужено славеше со 25-19.
Поинаква беше сликата на теренот во третиот сет, во кој Швајцарците експресно поведоа со 0-3, а потоа во неколку наврати имаа и четири поени предност. Матијашевиќ побара тајмаут при 6-11, но негативата набрзина порасна на „минус седум“ (7-14), по што Швајцарија рутински го доби сетот со 25-16, намалувајќи на 1-2.
Охрабрени по добиениот сет, швајцарските одбојкари доминираа и во продолжението, контролирајќи го резултатот и во четвртиот дел. Македонија за момент врза неколку поени и израмни на 10-10, но следеа три поени во низа на домашниот состав, кој потоа рутински ја одржуваше предноста од три поени. Успеавме да се приближиме до 20-19, но и покрај обидите не стигнавме до пресврт, домаќинот го доби сетот со 25-23 и израмни на 2-2.
Македонските репрезентативци конечно се разбудија во тајбрејкот, експресно поведувајќи со 4-1, потоа и со 5-2. Концентрацијата остана на највисоко ниво, па предноста се зголеми и на 10-6. Нервите останаа смирени, па сетот рутински беше приведен до крај, до конечните 15-12 и триумф на Македонија, со кој нашата репрезентација останува во игра за второто место и учество на ЕП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА