Пред само шест години бил зависник суспендиран од атлeтиката. Сега е светски шампион во скок во далечина со амбиција да стане првиот човек кој пресконал девет метри. Ова во само две реченици е неверојатната приказна на јужноафриканскиот атлетичар Луво Манјонга.
Светскиот шампион од првенството во Лондон во 2017 година имал тешко детство, пораснал во голема беда во градот Мбеквени во кој криминалот, убиствата и дрогата се секојдневие. Рано сфатил дека е талентиран за атлетика.
„Прво за забава, а потоа за да побегнам од проблемите, почнав да одам на локалните натпреварувања. Бев добар и мојот талент го забележа тренерот Марио Смит кој ме насочи кон професионалната атлетика“ – раскажува Луво.
Во 2012 години првпат прескокнал над осум метри и добил значителна парична награда. Веднаш почнале да му доаѓаат роднините кои му барале пари. Набрзо и тој западнал во финансиски проблеми, а кулминацијата била кога почнал да се дрогира. Експресно паднал на допинг тест. Веднаш признал се, не барал ниту Б – анализа. Добил двегодишна супензија која потоа му била намалена на 18 месеци. Јасно било дека тој не се допингува за подобри резултати, бидејќи дрогата што ја земал има сосема спротивно дејство. Но, се соочил со казна поради тоа што правилата секако не дозволуваат нелегални супстанци.
„Не се дрогирав за да бидам подобар во спортот, се дрогирав за да побегнам од животните проблеми“ – обајснува Луво кој се соочил и со смртта на тренерот Смит.
Во тие моменти донел значајна одлука, да го напушти градот на дрогата, добил стипендија и почнал да тренира во Преторија. Во живот го вратил кондицискиот тренер, Ирецот Џон Мек Герет кој пак пред да почне да работи со него, чистел улици.
Потоа приказната на Манјонга тргнува во сосема друг правец. Во 2012 освои сребро на Олимписките игри во Рио, а минатата година во Лондон стана светски шампион. Убеден е дека може да стане и светски рекордер во скок во далечина.
„Верувам дека ќе станам првиот човек кој прескокнал над девет метри. Роден сум во 1991 година кога Мајк Пауел го постигна актуелниот светски рекорд. За мене тоа е знак“ – вели самоуверениот Луво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА