Кошаркарите на МЗТ Скопје веќе неколку дена напорно тренираат во Маврово за подобрување на физичката подготвеност, се со цел во топ-форма да се влезе уште од стартот на сезоната во АБА2 лигата. Ѓорѓи Кочов за разлика од претходната сезона овојпат од самиот почеток е дел од „сино-белите“, имаше можност самиот да го селектира тимот, a младиот стратег е задоволен од она што кошаркарите го прикажуваат во овие први денови од подготовките.
„Задоволен сум од она што се работи во овој првичен период, пред се од карактерот на кошаркарите и желбата за напорна работа, свесни дека е многу важно што подобро подготвен да се влезе во искушенијата за новата сезона. Секако, допрва ќе следи темпирањето на формата преку контролните натпревари, но ме радува што со вистински менталитет влеговме во овие подготовки. Голем дел од домашните кошаркари ги познавам од претходно, а задоволен сум и од огромниот професионализам на четворицата странци, кои засега ги оправдуваат моите очекувања“ – изјави Ѓорѓи Кочов.
МЗТ Скопје утре ќе го игра првиот контролен натпревар против екипата на Гостивар, со што ќе почне и темпирањето на формата во пресрет на вистинските предизвици, најпрвин стартот на АБА2, а потоа и атакот на двојната круна на македонската сцена.
„Дефинитивно поседуваме потенцијал, верувам дека во следниот период ќе продолжиме со напорна работа за да напредуваме на секое поле. Проблем сигурно ќе ни биде само фактот дека голем дел од нашите играчи ќе мора потоа да пропуштат петнаесетина дена од тренинзите за да се стават на располагање на репрезентацијата, за претстојните претквалификациски натпревари за ЕП. Тоа ќе ни се случува во период кога тимот треба да се воигрува и сигурно ќе биде проблем за кој потоа за кратко време ќе мораме да најдеме решение, по нивното враќање назад во клубот и стартот на новата сезона на крајот од месец септември“ – истакнува стратегот на МЗТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА