Македонската кошаркарска репрезентација денеска ќе го одржи првиот собир во пресрет на новиот претквалификациски циклус за Евробаскет 2021. Откако во претходната фаза кошаркарите го освоија првото место пред Словачка и Швајцарија, во следниот период ќе одиграат по две средби со Косово и со Романија, во обид да стигнат до првата позиција и место во главните квалификации за претстојниот европски шампионат.
Првиот натпревар го играме на 13 септември во Приштина против Косово, три дена подоцна сме домаќини на Романија, а селекторот Давитков се соочува со сериозни проблеми, пред се со натурализираните играчи, откако Витингтон заработи повреда, а Хендрикс поради семејни причини по се изгледа ќе ги пропушти овие натпревари. Покрај овие двајца, во составот ќе го нема ниту Ненад Димитријевиќ, кој ќе остане да тренира и да се бори за место во тимот на Хувентуд.
„Ситуацијата е незгодна бидејќи Витингтон е повреден, а со Хендрикс ситуацијата е компликувана бидејќи станува збор за семеен проблем. Се уште немаме конечен одговор, но реалноста е дека ќе биде многу, многу тешко, тој да се појави во тимот на овие две средби. Ќе го нема ниту Димитријевиќ, кому клубот му дозволи да дојде само неколку дена пред средбите. Тоа е недоволно време минато со нас и затоа проценив дека во една таква ситуација подобро би било да остане во Шпанија и да се бори за место во својот тим“ – изјави Давитков.
На првиот тренинг ќе се појават мал број на кошаркари бидејќи странците подоцна ќе добијат дозвола од своите клубови, а ќе недостигаат и кошаркарите на МЗТ Скопје, кои денеска и утре ќе играат контролни натпревари за својот тим против Левски Лукоил.
„Ќе доцнат Војдан Стојановски и Бојан Трајковски, најверојатно и Стојан Ѓуроски кој неодамна потпиша во Шпанија. Проблем плус е што шест кошаркари на МЗТ денеска и утре играат натпревари за својот тим, па ќе ни се приклучат од недела. Затоа, полека ќе почнеме со тренинзи со оние играчи кои ќе се појават денеска, па од следната седмица комплетни ќе влеземе во повисок ритам на работа“ – истакнува македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА