МЗТ Скопје забележа победа и на вториот контролен натпревар одигран летово, прв на домашен терен против бугарскиот првак Левски Лукоил со резултат 97-93. Навивачите на аеродромци имаа можност за првпат да ги видат на дело новите кошаркари под водство на Ѓорѓи Кочов, а „металците“ одиграа квалитетно со оглед на фактот дека се уште станува збор за подготвителен период и заслужено стигнаа до победата.
Македонскиот прволигаш го отвори мечот со тројка на Медфорд и го контролираше резултатот во речиси целиот натпревар. Со двете тројки на Иванов „металците“ поведоа со 28-20, потоа со поените на Бојиќ стигнаа и до „плус десет“, но гостите од Бугарија се вратија и на полувреме резултатот гласеше 44-44.
Левски Лукоил на стартот од третата четвртина накрако поведе со 44-46, но следеше канонада од тројки на МЗТ, погодуваа Вудард, Иванов, во серија влезе и Марко Симоновски, па разликата набрзина стана двоцифрена. Слично како и во првото полувреме, повторно дојде до сериозен пад во играта на МЗТ, гостите почнаа да погодуваат од далечина, па предноста на скопјани експресно се спушти на само два поени (71-69). Дамјан Стојановски погоди тројка за да го запре налетот на гостинскиот состав, на две минути пред крајот од далечина погоди и Бојиќ за водство од 93-87. Левски два пати стигнуваше до „минус три и напад“, но гостите не успеаја да стигнат до израмнување, па МЗТ ззаслужено го доби овој натпревар со конечни 97-93.
Американецот Медфорд беше најдобар поединец кај македонскиот вицешампион со 21 поен, 15 постигна Иванов, исто колку и Бојиќ, а вториот Американецот Вудард стигна до 12 поени. Од македонските играчи во МЗТ најефикасни беа Стојановски и Симоновски со по 11 поени.
МЗТ Скопје и Левски Лукоил утре ќе одиграат уште еден пријателски натпревар, но тој ќе биде од затворен карактер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА